Шолц и Путин разговарале по телефон за прв пат по две години

putin-sholc.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Олаф Шолц имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за прв пат по две години, соопшти кабинетот на германскиот канцелар.


„Германскиот канцелар ја осуди руската агресија врз Украина и побара од претседателот Путин да го запре нападот и да ги повлече војниците“, се вели во соопштението поврзано со телефонскиот разговор меѓу Олаф Шолц и Владимир Путин.

Понатаму се наведува дека за време на разговорот Шолц инсистирал Русија да покаже подготвеност за преговори со Украина „со цел праведен и траен мир“.

Во исто време, Шолц ја нагласи подготвеноста на Германија да и помогне на Украина да се одбрани од руската агресија „колку што е потребно“.

На крајот од соопштението се наведува дека германскиот канцелар пред разговорот со Путин разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а истото ќе го направи и по разговорот со рускиот претседател. За разговорот Шолц ги информирал и партнерите од ЕУ и НАТО.

Од владините кругови е познато дека Шолц остро го осудил испраќањето на севернокорејски војници во војната против Украина, наведувајќи дека тоа е „силна ескалација на конфликтот“.

Шолц и Путин, како што се дознава, ќе останат во контакт.

Кремљ досега објави дека рускиот претседател Владимир Путин и германскиот канцелар Олаф Шолц имале „искрен“ разговор во петокот „на иницијатива“ на Берлин за конфликтот во Украина. „Одржана е детална и искрена размена на мислења за ситуацијата во Украина“, објави Кремљ во врска со разговорот меѓу двајцата лидери, пренесуваат агенциите.

Како што пренесуваат медиумите кои се повикуваат на извори во Киев, украинскиот претседател Зеленски го предупредил германскиот канцелар дека овој разговор може да му помогне на Путин да излезе од меѓународната изолација и да продолжи со воените операции против Украина.

„Путин не сака мир, тој само сака пауза“, рече Зеленски, а пренесуваат агенциите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK