Шефовите на дипломатиите на Групата седум денеска покажаа единствен став за војната меѓу Израел и Хамас по интензивните состаноци во Токио, осудувајќи ги палестинските милитанти и поддржувајќи го правото на Израел на самоодбрана, пренесува АП.
Групата седум богати земји (Г7), составена од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, како и ЕУ, денеска повикаа на „хуманитарни паузи“ во конфликтот, со цел да се забрза помошта zа загрозените цивили во Појасот Газа. Во изјавата по дводневните разговори, членките на Г7 се обидоа да ја балансираат недвосмислената критика за нападите на Хамас врз Израел со „потребата од итна акција“ за помош на цивилите во опколената палестинска енклава, според АП.
„Сите страни мора да дозволат непречена хуманитарна помош за цивилите, вклучувајќи храна, вода, медицинска нега, гориво и засолниште, како и пристап за хуманитарните работници“, се вели во заедничката изјава.
Во документот се додава дека Г7 „поддржува хуманитарни паузи и коридори за овозможи итно неопходна помош, движење на цивили и ослободување на заложниците“.
Додека шефовите на дипломатиите се состануваа во центарот на Токио, агенцијата на ОН објави дека илјадници Палестинци во Газа одат на југ, носејќи само она што можат да го носат, откако останаа без храна и вода на северот на енклавата.
Израел објави дека неговите војници за време на борбата против милитантите на Хамас продираат длабоко во градот Газа, кој пред војната беше дом на околу 650.000 луѓе и каде, според израелската армија, Хамас има централна команда и огромен лавиринт од тунели. Конфликтот во Газа, кој уследи по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој милитантите убија повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, и зедоа 242 заложници, беше на врвот на агендата на состанокот во Токио.
Министрите на Г7 се занимаваа и со голем број други кризи, вклучувајќи ја војната во Украина, нуклеарната и ракетната програма на Северна Кореја и растечките тензии меѓу Кина и нејзините соседи поради територијалните спорови.
„Нашата цврста посветеност да ја поддржиме борбата на Украина за нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет никогаш нема да биде поколебана“, се вели во соопштението на Г7.
Во последната изјава по состанокот, шефовите на дипломатијата на Г7 „најостро ги осудија повторното лансирање балистички ракети од Северна Кореја, како и трансферот на оружје од Северна Кореја во Русија, што директно ги крши релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, до АП.