НАТО можеше да стори повеќе за да ја вооружи Украина за да се обиде да спречи руска инвазија во 2022 година, рече шефот на НАТО во заминување Јенс Столтенберг во интервју објавено денеска.
„Сега обезбедуваме воена опрема за војна, а можевме да обезбедиме воена опрема за да спречиме војна“, изјави генералниот секретар на НАТО Столтенберг за германскиот неделник ФАС.
Столтенберг укажа на неподготвеноста на НАТО да го обезбеди оружјето што Киев го бараше пред руската инвазија поради страв од ескалација на тензиите со Русија.
По почетокот на војната, Украина, која не е членка на НАТО, по првично двоумење доби вооружени системи од своите сојузници.
Столтенберг, поранешниот премиер на Норвешка, во октомври ќе се повлече од функцијата шеф на НАТО, која ја извршува од 2014 година. Во јуни беше објавено дека следен шеф на НАТО ќе биде поранешниот холандски премиер Марк Руте.
Столтенберг во интервју рече дека крајот на војната во Украина ќе се постигне само со преговори.
„За да ставиме крај на оваа војна, ќе мораме повторно да воспоставиме дијалог со Русија во одредена фаза. Но, тој мора да се заснова на украинската сила“, рече тој.
Столтенберг не потврди дека по напуштањето на НАТО ќе ја преземе функцијата претседател на Конференцијата за безбедност во Минхен од германскиот дипломат Кристоф Хојсген. Тој за ФАС изјави дека има „многу опции“ и дека ќе живее во Осло.