Главниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска пристигна во руската нуклеарна централа Курск за да ја процени ситуацијата во нуклеарната централа по ненадејната украинска офанзива во таа област.
Руската нуклеарна агенција Росатам за АФП го потврди неговото пристигнување во Курчатов, град кој се наоѓа недалеку од нуклеарната централа.
Гроси вчера изјави дека би сакал „независно да процени што се случува“, додавајќи дека „безбедноста на сите нуклеарни централи“ е „клучно прашање“ за МААЕ.
На 6 август, украинските војници започнаа голема прекугранична офанзива во руската област Курск, а руската страна предупредува на нуклеарна катастрофа во случај на украински напад врз електрана која се наоѓа на околу 60 километри од украинската граница.
Претседателот Владимир Путин минатата недела предупреди дека Украина се обидува да ја заземе нуклеарната централа во Курск.
МААЕ објави дека Русија ја информирала агенцијата на ОН дека делови од дрон биле пронајдени на околу 100 метри од нуклеарната централа.