Хакери поддржани од државата Северна Кореја украле повеќе од 400 милиони долари во криптовалути во текот на изминатите 18 месеци. Според соопштението на ФБИ, хакерите тајно снимале поединци за подоцна да ги таргетираат нивните контакти. ФБИ оваа кампања на социјален инженеринг ја нарекува „FaceStealer“. Жртвите се намамуваат во видео повици преку лажни верзии на популарни апликации за комуникација и состаноци, како што се Zoom, Microsoft Teams и Google Meet, пренесува Ројтерс.
Нападот започнува со повик од вистински контакт, чии профили на социјалните мрежи или платформи за комуникација претходно биле компромитирани. Хакерите веќе тајно собрале видео материјал од овие профили. Кога жртвата ќе одговори на повикот, хакерите ја снимаат, додека на екранот се појавува лажно известување за техничка грешка.
За да се „реши“ проблемот, од жртвата се бара да кликне на линк. Овој линк потоа го заразува нејзиниот компјутер и профилите на социјалните мрежи, а нејзините контакти понатаму се користат за ширење на нападот кон нови цели. Во официјалното соопштение ФБИ потврди дека идентификувало и запленило над 900 видео снимки, добиени преку снимање на жртвите со нивните сопствени веб-камери.
Употреба на вештачка интелигенција
ФБИ наведува дека хакерите почнале да користат и вештачка интелигенција за креирање „дипфејк“ (deepfake) видеа од познати и влијателни личности во секторите за криптовалути и блокчејн.
ФБИ им ги припишува овие активности на севернокорејска хакерска група позната како „Sapphire Sleet“ или UNC1069. Агенцијата истакнува дека станува збор за посебна група, која не е поврзана со хакерите одговорни за неодамнешната кражба на 6,3 милијарди долари од берзата за криптовалути Binance.