Северна Кореја: „Тестиравме хиперсонична ракета, можеме да им се заканиме на САД“

Нови-тензии-Северна-Кореја-истрела-крстосувачки-ракети-тврди-Сеул.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг ун, најави дека по овој, како што наведе, успешен тест, неговата земја се здобила со способност да произведува ракети со цврсто гориво со нуклеарен капацитет од сите дострели, а тие можат да ги загрозат и соседните земји во Азија како и САД.

Од друга страна, војската на Јужна Кореја соопшти дека Северот го преувеличува успехот на тестот, како и неговите општи ракетни способности.

Соопштението на Северна Кореја доаѓа еден ден откако армиите на Јужна Кореја и Јапонија утврдија дека проектилот бил лансиран од близина на главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг кон источното море.

Севернокорејските државни медиуми објавија дека тестот бил надгледуван од самиот Ким Џонг ун, кој ја опиша новата ракета Хвасонг-16Б како клучен дел од политиката за нуклеарно одвраќање и вети дека ќе произведе повеќе слично оружје за да се спротивстави на „непријателите“, најверојатно мислејќи на САД, Јужна Кореја и Јапонија.

Според севернокорејската државна новинска агенција „KCNA“, за време на тестирањето во вторникот, хиперсоничната боева глава на ракетата достигнала височина од 101 километар и прелетала околу 1.000 километри по одвојувањето од ракетата-носач и извршила различни маневри пред да слета во водите меѓу Корејскиот Полуостров и на Јапонија.

Сепак, воениот генералштаб на Јужна Кореја денеска остана на својата оценка дека проектилот прелетал само околу 600 километри и ја обвини Северна Кореја дека ги преувеличува перформансите на ракетата, иако призна дека северната технологија се подобрува.

Само неколку часа по лансирањето, јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека спровеле заедничка воздушна вежба со САД и Јапонија над водите во близина на јужнокорејскиот остров Џеџу, во која учествувал најмалку еден американски бомбардер Б-52, способен за нуклеарно оружје.

Во последниве години, Северна Кореја развива повеќе ракети со цврсто гориво. Ваквото оружје полесно се движи и сокрива, а може да се лансира побрзо од проектилите со течно гориво, кои треба да се наполнат со гориво пред лансирањето и не можат да останат напојувани долги временски периоди.

Од 2021 година, исто така, тестира хиперсонично оружје дизајнирано да лета со пет пати поголема брзина од звукот. Доколку ја подобрат својата производствена технологија, таквите системи потенцијално би можеле да ги предизвикаат регионалните системи за ракетна одбрана поради нивната брзина и маневрирање.

Северна и Јужна Кореја беа поделени по Корејската војна која се водеше помеѓу 1950 и 1953 година. Оттогаш двете земји официјално се во војна и односите се постојано затегнати. Додека Северна Кореја е поддржана од Кина и Русија, Јужна Кореја е поддржана од САД и Западот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK