Северна Кореја денеска ја осуди потенцијалната американска продажба на напредно оружје на Јапонија и Јужна Кореја, нарекувајќи ја опасен чин што ги зголемува тензиите во регионот и започнува нова трка во вооружување, објавија државните медиуми.
Во соопштението пренесено од новинската агенција КЦНА, севернокорејското Министерство за одбрана рече дека Пјонгјанг ќе ги засили мерките за воспоставување на одвраќање од војна за да одговори на нестабилноста во регионот, за која рече дека е предизвикана од Соединетите држави и нивните сојузници.
Пентагон минатиот петок објави дека американскиот Стејт департмент ја одобрил потенцијалната продажба на 400 ракети Томахавк на Јапонија во договор вреден 2,35 милијарди долари.
Соединетите Американски Држави, исто така, неодамна објавија одобрување за можната продажба на ракетите Сајдвиндер и Стандард Мисл 6 Блок I на Јужна Кореја.
„Предупредуваме дека колку повеќе САД профитираат од неселективна продажба на оружје, толку повеќе ќе мора да платат за безбедносната криза“, се вели во соопштението на Северна Кореја.
Пјонгјанг ги критикуваше, како што ги нарече, „воените закани“ од страна на Соединетите Држави и нивните сојузници, велејќи дека како одговор ќе покажат „поофанзивни и надмоќни способности за контра акција“.
Северна Кореја минатата среда соопшти дека успешно извршила статички тестови на „нов тип мотор со цврст погон со висок потисок“ за балистички ракети со среден дострел (ИРБМ), за кои рече дека се клучни за подобрување на стратешките офанзивни способности на нејзината војска.