Северна Кореја истрела неколку балистички ракети со краток дострел кон морето источно од Корејскиот Полуостров, објави началникот на Здружениот Генералштаб на Јужна Кореја.
Ракетите биле истрелани во понеделникот во 22:30 часот од околината на Саривон, севернокорејската провинција Хвангае, соопшти Здружениот генералштаб, додавајќи дека тесно споделува информации со САД и Јапонија.
Лансирањето беше потврдено и од јапонската влада. Јапонската крајбрежна стража соопшти дека ракетата за која се верува дека е балистичка ракета истрелана од Северна Кореја веќе паднала надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија и во океанот.
Последното лансирање следи по минатонеделниот тест на Северна Кореја на голема нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво наречена Хвасонг-19 и доаѓа неколку часа пред почетокот на гласањето на претседателските избори во САД.
Севернокорејскиот државен медиум KCNA објави извештај во кој Ким Јо Јонг, моќната сестра на лидерот на земјата Ким Џонг Ун, ги осуди неодамнешните воени вежби на Соединетите држави, Јапонија и Јужна Кореја како закани и рече дека тие го оправдуваат создавањето нуклеарно оружје на Северот.
Соединетите држави тесно се консултираат со Јужна Кореја, Јапонија и другите сојузници откако Северна Кореја изврши повеќекратно лансирање балистички ракети, соопшти во понеделникот американската војска.
„Иако оценивме дека овој настан не претставува непосредна закана за американскиот персонал, територијата или нашите сојузници, ние продолжуваме да ја следиме ситуацијата“, се вели во соопштението на американската Индо-пацифичка команда.