Се урна автопат во Шведска, три лица се пренесени во болница

Се-урна-автопат-во-Шведска-три-лица-се-пренесени-во.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Голем дел од автопатот во југозападна Шведска се урна во текот на ноќта, поради што три лица со полесни повреди се пренесени во болница, соопшти денеска полицијата.


Свлечиштето го оштети автопатот меѓу вториот по големина град во Шведска, Гетеборг и главниот град на Норвешка, Осло, во близина на градот Стенунгсунд, околу 50 километри северно од Гетеборг на западниот брег на Шведска.

„Најтешко погодените делови од областа на свлечиштето се со големина од околу 150 x 100 метри. Севкупно, сепак, свлечиштето зафати површина од околу 700 x 200 метри“, се вели во соопштението од спасувачката служба на Гетеборг.

Одронот затрупа десетина возила, шумска површина, деловна површина со бензинска пумпа и ресторан за брза храна, соопштија спасувачките служби.

Пожарникарите им помогнале на луѓето да излезат од возилата со помош на хеликоптер

„Во реонот на свлечиштето, пожарникарите со помош на хеликоптер им помогнаа на голем број луѓе да излезат од возилото“, се додава.

Неколку автомобили и камион паднале во дупките и пукнатините предизвикани од одронот, јави шведската новинска агенција ТТ. Портпаролот на спасувачката служба за јавниот радиодифузен сервис СВТ изјави дека на сите лица во возилата им била укажана помош.

Полицијата на својата веб-страница објави дека покренала истрага дали свлечиштето е предизвикано од работи на блиско градилиште.

„Се уште не е познато дали има некаква поврзаност помеѓу минирањето/работата на локацијата и одронот“, велат тие.

„Во моментов ниту едно лице не е осомничено за кривично дело“, се додава.

Спасувачката служба соопшти дека специјално обучен персонал и кучиња трагачи сега ќе ја пребаруваат областа и не може да се исклучи можноста за понатамошни одрони.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK