Бродови на крајбрежната стража на Кина и Филипините се судрија рано утринава во спорните води на Јужното Кинеско Море, предизвикувајќи штета на двата брода.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за судирот кај коралниот остров Сабина во спорниот архипелаг Спратли, за кој се расправаат и Виетнам и Тајван, но официјалните извештаи не споменуваат дека има повредени, пренесува АП.
Кинеската крајбрежна стража ги обвини Филипините дека намерно насочиле еден од нивните бродови во кинески брод.
Во официјалното соопштение објавено на веб-страницата на кинеската крајбрежна стража, се наведува дека во понеделникот наутро во 03:24 часот, два брода на филипинската крајбрежна стража влегле во водите во близина на гребенот, игнорирајќи го предупредувањето на кинеската екипа и намерно се судриле со еден од кинеските бродови.
„Филипинската страна е целосно одговорна за судирот. Ја предупредуваме филипинската страна веднаш да престане да ги прекршува договорите и провокациите, во спротивно ќе ги сноси последиците“, изјави портпаролот на кинеската крајбрежна стража Ган Ју.
Џонатан Малаја, помошник генерален директор на Советодавниот одбор за национална безбедност на Филипините, ја обвини кинеската крајбрежна стража дека лажно тврдела дека бродови на крајбрежната стража на Филипините ги погодиле нивните бродови.
„Видеата и фотографиите, вклучително и оние направени од репортери од американска ТВ мрежа кои се наоѓаа на еден од бродовите на филипинската крајбрежна стража, покажаа дека кинеските бродови го предизвикале судирот“, рече Малаја на прес-форум во Манила.