Соединетите Држави сакаат да започнат преговори за постигнување прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер, по смртта на лидерот на Хамас Јахја Синвар во, како што Милер го нарече „сеизмички настан“.
Милер на брифингот со новинарите изјави дека Синвар е „главната пречка“ за завршување на војната, која започна кога Синвар организираше напад врз јужен Израел во кој палестинските милитанти убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 250.
Администрацијата на Бајден со месеци работеше неуспешно со посредниците Катар и Египет за да се постигне договор со кој би се ставиле крај на израелските операции во Газа во замена за ослободување на заложниците киднапирани од Хамас пред една година. Во последните недели, Синвар воопшто не беше подготвен да преговара, рече Милер.
„Пречката очигледно е отстранета. Не можам да предвидам дека кој и да го замени Синвар ќе се согласи на прекин на огнот, но главната пречка што не дозволуваше да се постигне прекин на огнот во изминатите месеци е отстранета“, рече тој.
Вашингтон сега ќе ги засили своите напори и ќе се обиде да го протурка предлогот „кој е на маса веќе некое време“, најави Милер, но не откри детали.