Соединетите Држави не планираат денеска да објават каква било промена во политиката кон Украина во врска со употребата на ракети со долг дострел, соопшти Белата куќа.
„Нема промена во нашата позиција за обезбедување на Украина со можности за напад со долг дострел во Русија“, изјави за новинарите портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.
„Не би очекувал некоја голема објава во тој поглед“ по разговорите меѓу американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Кир Стармер во петокот, рече Кирби. Бајден и Стармер ќе се сретнат вечерва во Белата куќа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци ги моли сојузниците да и дозволат на Украина да напаѓа со западни ракети, вклучувајќи ги и американските ATACMS со долг дострел и британските Storm Shadow, длабоко на руска територија.
Кирби рече дека САД сериозно го сфатиле предупредувањето на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе го сметаат Западот директно вклучен во конфликтот доколку Украина истрела проектили со долг дострел од западно производство кон Русија, но дека тоа не е првпат Путин да го каже тоа.
„Ова не е реторика што досега не сме ја слушнале од него“, рече Кирби.
„Очигледно, тој докажа дека е способен за агресија… Затоа, овие изјави ги сфаќаме сериозно“, додаде тој.