Соединетите Американски Држави најавија дека ќе испратат напреден противракетен систем до Израел и американски војници да управуваат со него, во обид да ја зајакнат воздушната одбрана на земјата по ракетниот напад од Иран.
Американскиот претседател, Џо Бајден рече дека го испраќа системот за да го одбрани Израел.
Портпаролот на Пентагон, Пат Рајдер, рече дека распоредувањето на системот за одбрана ќе го зајакне интегрираниот израелски систем за воздушна одбрана.
„Ова е дел од поширокото прилагодување на американската војска во последните месеци за поддршка на одбраната на Израел и заштита на Американците од нападите на Иран и проиранските милиции“, рече Рајдер.
Претходно во неделата, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ги предупреди Соединетите држави дека ги загрозуваат животите на нивните војници со тоа што „ги испраќа да управуваат со американските противракетни системи во Израел“.
„Иако направивме неверојатни напори во изминатите неколку дена за да спречиме војна од целосен обем во нашиот регион, јасно ќе кажам дека немаме црвени линии во одбрана на нашиот народ и интереси“, објави Аракчи на „Икс“.
Иран истрела проектили и беспилотни летала кон Израел во април. На 1 октомври повеќе од 180 балистички ракети беа истрелани кон Израел поради ескалацијата на борбите меѓу Израел и Хезболах во Либан. Многумина беа пресретнати, но некои ја пробија одбраната.