Американската војска изврши напади врз Иран деветта ноќ по ред, објави Централната команда на САД. Од друга страна, Иранската револуционерна гарда објави дека ниту капка нафта и гас нема да помине низ Ормускиот теснец ако американската „агресија“ продолжи.
„CENTCOM“ објави на мрежата Икс дека целите биле воени командни центри, позиции за воздушна одбрана и крајбрежен надзор, поморски воени објекти, места за лансирање ракети и беспилотни летала, како и комуникациска мрежа.
Конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран продолжи вчера со нови напади. Американската војска таргетираше повеќе цели во Иран, вклучувајќи ги и областите во близина на Ормускиот теснец, додека Техеран тврди дека ги нападнала американските воени бази во регионот со беспилотни летала и ракети и соборила американски дрон MQ-9.
Во исто време, САД го зголемуваат своето воено присуство на Блискиот Исток. Според „Њујорк тајмс“, Вашингтон испраќа дополнителни борбени авиони Ф-16 и Ф-35 во регионот, како и авиони за воздушно полнење гориво.
Иранската револуционерна гарда се закани со „одмазда“, со порака дека „тие нема да имаат мирен сон и мирен живот“.
Последиците од конфликтот се почувствуваа и во други земји од регионот. Јорданската армија соопшти дека соборила три ирански ракети насочени кон нејзина територија, додека Аман испрати протест до Техеран и побара итен прекин на нападите. Сирените за воздушен напад повторно се огласија во Кувајт по нападите со ракети и беспилотни летала.
И покрај воените тензии, дипломатските контакти продолжија. Американскиот државен секретар Марко Рубио, за време на разговорот со претседателот на Либан, Џозеф Аун, ја потврди поддршката на Вашингтон за договорот што предвидува постепено завршување на конфликтот меѓу Израел и Либан и разоружување на Хезболах.
Фокусот остана на Ормускиот теснец, еден од најважните енергетски патишта во светот. Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека танкерите сè уште минуваат низ теснецот и ги отфрли тврдењата дека поморскиот сообраќај е речиси запрен.
Нови реакции предизвика најавата за можно апсење на израелскиот премиер во Њујорк. Кабинетот на Бенјамин Нетанјаху го критикуваше градоначалникот Зохран Мамдани, кој најави дека разгледува таква можност, доколку израелскиот премиер пристигне на седницата на Генералното собрание на ОН во септември.
Кабинетот соопшти дека Меѓународниот кривичен суд нема надлежност над Израелците и Американците.