Руската ФСБ почна истрага против Пригожин за поттикнување вооружен бунт

prigozin 1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Федералната служба за безбедност на Русија денеска покрена кривична постапка против основачот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, поради повикување на вооружен бунт, соопшти Националниот антитерористички комитет (НАК).

Претставниците на тој комитет истакнаа дека сите изјави дистрибуирани во името на основачот на таа група немаат никаква основа.


„Во врска со тоа, ФСБ покрена кривична постапка за повикување на вооружен бунт. Бараме итно запирање на незаконските дејствија“, се вели во соопштението.

Министерството за одбрана соопшти дека од името на Евгениј Пригожин биле објавени неточни информации за напад на кампови на групата Вагнер. Министерството овие обвинувања ги нарече информативна провокација.

Според прес-секретарот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, Владимир Путин е информиран за сите случувања околу Пригожин и се преземаат неопходните мерки.

Во серијата аудио пораки на својот официјален канал „Телеграм“, Пригожин, меѓу другото, рече дека „министерот за одбрана пристигнал во Ростов специјално за да ја спроведе операцијата за уништување на Вагнер“.

Во една од неколкуте пораки објавени денеска на Телеграм, Пригоржин изјави дека „оние кои ги уништија нашите момчиња, кои ги уништија животите на десетици илјади руски војници, ќе бидат казнети“ и додаде: „Барам никој да не се спротивстави“.

Пригожин се заколна дека ќе се одмазди за нападот, и изјави „Ние сме 25.000“ и рече: „Ќе откриеме зошто има хаос во оваа земја“.

Но, според него, тоа не е повик за воен удар.

Пригожин, чии трупи се повлекоа од Бахмут, исто така ги нападна тековните воени напори на Русија наспроти украинската контраофанзива.

Директно противречи на тврдењата на Путин дека Москва го одби контранападот на Киев, Пригожин го обвини и руското воено раководство дека ја лаже јавноста за размерите на нејзините загуби и неуспеси во Украина.

– Руската војска се повлекува на сите правци и пролева многу крв… Тоа што ни го кажуваат е најдлабоката измама – рече Пригожин, пренесе Гардијан.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK