Руска наведувана бомба вчера вечер погоди висококатница во Харков, вториот по големина град во Украина, при што загина едно дете, а најмалку 29 лица се повредени, соопштија властите.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синјехубов изјави дека од под урнатините е извлечено 11-годишно дете со тешки рани и скршеници на главата, но лекарите не успеале да го спасат. Тој претходно изјави дека три лица се заробени под урнатините.
Синјехубов на апликацијата за пораки Телеграм рече дека ударот предизвикал пожар и уништил поголем дел од еден влез, со голема дупка во зградата.
Снимките од телевизијата Ројтерс покажаа дека спасувачките екипи се борат низ купишта бетон и друг градежен материјал за да ги извадат повредените и да ги однесат со амбулантни возила.
Харков остана во рацете на Украина од првичното неуспешно напредување на руските сили кон главниот град Киев во раните денови на инвазијата во февруари 2022 година. Оттогаш тој стана честа цел на руски воздушни напади.