Руските сили го уништија првиот тенк Леопард 1А5 од германско производство во Украина, во близина на Купјанск, тврди руското Министерство за одбрана, а пренесува агенцијата Тасс. Министерството објави и фотографија за која тврди дека го прикажува уништувањето на првиот Леопард во Украина.
„Командантот на руската борбена група Запад ја пофали успешната акција на единицата вооружена со противтенковски системи на Првата тенковска армија“, изјави Владимир Луговој, заменик командант на воениот округ Запад, пренесува руската агенција.
Според него, тенкот Леопард се обидувал да ги пробие одбранбените линии на руските сили, но бил „запален“. Војникот кој го погодил тенкот ќе биде награден со сума од 700.000 рубли (околу 7.890 долари). Дополнително, ќе биде одликуван со Медал за храброст.
На почетокот на ноември, според Тасс, германската влада објави дека ќе испрати 25 тенкови Леопард 1А5 во Украина, додавајќи дека ќе испрати и извидувачки дронови и радари.