Кремљ денеска соопшти дека се остварени контакти со САД за можна размена на затвореници во која би бил и Еван Гершкович, известувач на Wall Street Journal, но дека медиумите не треба да добиваат дополнителни детали за нив.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го цитираше рускиот претседател Владимир Путин како рекол на состанокот со уредниците на меѓународните новински агенции претходно овој месец дека Русија и САД биле во контакт по ова прашање.
„Сакам повторно да ве потсетам на разговорот на претседателот со шефовите на новинските агенции во Санкт Петербург, тој потврди дека има такви контакти. Тие продолжуваат, но треба да продолжат во целосна тишина. Затоа, никакви соопштенија, изјави или информации, за ова прашање не можат да бидат дадени“, рече Песков.
На прашањето зошто судењето на Гершкович за шпионажа се одвива зад затворени врати, Песков рече дека не може да коментира за такви работи бидејќи тоа е судска одлука. „Тоа е одлука на судот. Не можеме да го коментираме тоа“, рече тој.
Гершкович (32) беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ) на 29 март 2023 година во уралскиот град Екатеринбург, 1.400 километри источно од Москва, под обвинение за шпионажа што носи до 20 години затвор.
Гершкович, првиот американски новинар кој беше приведен под обвинение за шпионажа од крајот на Студената војна пред повеќе од три децении, постојано ги негираше обвинувањата.