Млада израелска двојка, која била убиена од Хамас во нивниот дом во Израел, успеала да ги спаси своите 10-месечни близнаци криејќи ги во засолниште.
Итаи и Хадар Бердичевски имале само неколку секунди да реагираат кога слушнале дека напаѓачите се обидуваат да ја скршат влезната врата од нивната куќа.
Исплашените родители успеале да ги сокријат своите бебиња во скриено засолниште неколку моменти пред Хамас да упадне во нивниот дом, откри Гали Даган, амбасадор на Израел во Колумбија.
Итаи и Хадар, според изјавата, „храбро се бореле“ со напаѓачите пред да бидат застрелани и убиени за време на нападот врз Израел, во кој загинаа најмалку 900 Израелци.
„Израелските војници ги пронајдоа и ги спасија нивните бебиња откако поминаа повеќе од 12 часа сами“, додаде Даган.
„Тие ги криеја своите 10-месечни близнаци во засолниште додека терористите го нападнаа нивниот дом. Итаи и Хадар беа брутално убиени откако храбро им се спротивставија на терористите“, напиша Даган на Твитер.
Тој додаде дека бебињата биле оставени сами повеќе од 12 часа додека не биле спасени.
„Замислете го ужасот. Двајца исплашени родители прават се што можат за да ги спасат своите деца, кои сега се сирачиња“, додаде тој.