– Влијателната републиканка и претендент за претседателска номинација на нејзината партија, Ники Хејли изјави дека лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Мич Меконел, треба да се пензионира поради здравствени проблеми.
Ники Хејли му предложи на Меконел (81), долгогодишниот моќен лидер на американскиот Сенат да се повлече, откако минатата недела на јавен настап се блокираше и не можеше да зборува.
За време на гостување во емисијата „Лице в лице со нацијата“ на Си-Би-Ес, изјави дека „Мич Меконел направи неверојатна работа кога станува збор за судството“.
– Кога ги гледаме судиите, кога го гледаме Врховниот суд, гледаме дека тој беше одличен лидер. Но, мораме да престанеме да избираме луѓе кои изгледаат добро на фотографии или држат бебиња“, рече Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина и поранешна американска амбасадорка во Обединетите нации за време на мандатот на Доналд Трамп.
Според неа, 90-годишната американска сенаторка Дајан Фајнштајн, 80-годишниот претседател Џозеф Бајден и 83-годишната конгресменка Ненси Пелоси – сите истакнати демократи – треба да „знаат кога да се повлечат“.