Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Леке Расмусен, коментирајќи го навлегувањето на вооружените сили во регионот Курск, изјави дека Украина може да го користи оружјето што го обезбедува неговата земја на територијата на Руската Федерација.
Расмусен рече дека поддржува каква било употреба на оружје што Данска и го дава на Украина во офанзивата на рускиот пограничен регион, истакнувајќи дека „не може да има ограничување дека оружјето може да се користи само на територијата на Украина“.
„Не можете да и кажете на Украина да не оди на другата страна и да не ги прекинува синџирите за снабдување со оружје на руската армија. Ова е одбранбена операција чија цел е да ги пресече синџирите на снабдување на руските воени единици на окупираната територија“, изјави тој за данската телевизија ДР, пренесува Танјуг.
Расмусен додаде дека Данска силно ја поддржува Украина во нејзината борба против Русија, а денешниот пакет помош „ќе биде важен во борбата против руската агресија“.
Данската влада денеска објави дека подготвила нов пакет помош за Украина во вредност од 783 милиони дански круни (115 милиони американски долари) за да ги задоволи воените потреби на Киев и на краток и на долг рок.