Пентагон ја разгледува можноста за повлекување на околу 25.000 американски војници од Европа, заедно со борбени авиони, бродови и оружје, објави „NBC News“, повикувајќи се на официјални лица.
Според телевизијата, намалувањето би можело да опфати околу една третина од сите американски сили во Европа, или околу 25.000 војници.
Некои извори на „NBC“ наведуваат дека обемот на повлекувањето би можел да достигне половина од американскиот контингент, односно до 40.000 од приближно 80.000 војници што моментално се распоредени во Европа. Доколку планот се спроведе, тоа би било најголемото намалување на американското воено присуство во Европа од крајот на Студената војна.
Најголемиот дел од повлекувањето би се однесувал на Германија, каде што се распоредени околу 36.000 американски војници, како и на Италија и Шпанија. „NBC“ известува дека ова би дошло откако властите на тие земји претходно одбија безусловно да ги поддржат американските воени операции против Иран.
Според телевизијата, командантот на американските сили во Европа, генерал Алексус Гринкевич, ќе му ги претстави можните сценарија за намалување на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет. Конечните препораки треба да му бидат доставени на 6 ноември, по што планот ќе биде доставен до американскиот претседател Доналд Трамп за одобрување.
Во јуни, Хегсет најави шестмесечен преглед на распоредувањето на американските трупи и бази во Европа. Потоа рече дека некои сојузници на САД „не ќе успеат“ на тој тест.
Подоцна, тој прецизираше дека Пентагон ќе процени, како дел од ревизијата, дали распоредот на американските бази е соодветен од гледна точка на нивната достапност. Целта на процесот, според него, е да се обезбеди соодветно распоредување на американските сили низ целиот свет.