На почетокот на своето обраќање на форумот на Арктикот, рускиот претседател Владимир Путин даде неколку интригантни коментари за повторените изјави на Доналд Трамп во врска со преземањето на Гренланд од страна на САД.
Рускиот претседател вели дека овие амбиции не се изненадување и треба да се сфатат сериозно.
„Би било сериозен превид да се мисли дека ова се само ексцентрични изјави на новата американска администрација. За тоа не станува збор“, рече тој.
Тој наведува дека Вашингтон првпат претставил слични планови во 1860-тите, но дека тогашниот предлог за анексија на Гренланд и Исланд бил отфрлен во Конгресот.
„Овие планови имаат длабоки историски корени и јасно е дека САД ќе продолжат да ги промовираат своите геополитички, воени и економски интереси на Арктикот. Што се однесува до Гренланд, мислам дека тоа е прашање што ги засега двете држави и нема никаква врска со нас“, рече Путин.
„Меѓутоа, ние сме загрижени од фактот што земјите од НАТО се повеќе го гледаат Далечниот Север како упориште за можни конфликти“, заклучи рускиот претседател.