Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека во тек се подготовките претседателот Владимир Путин да ја посети Турција, каде што ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Песков исто така изрази надеж дека Путин и Ердоган ќе имаат можност да разговараат на маргините на претстојниот самит на БРИКС, што ќе се одржи во рускиот град Казан, пренесува Ројтерс.
Од минатата година рускиот претседател Владимир Путин неколкупати ги одложуваше официјалните посети на Турција.
Официјалните лица наведоа различни причини за одложувањата. Некои тврдат дека од почетокот на војната во Украина, Путин избегнувал да ги посетува земјите кои не биле дел од Советскиот Сојуз, додека други тоа го припишуваат на одржувањето на руските избори претходно оваа година.
Сепак, извори запознаени со руските позиции за „Мидл Ист Ај“ велат дека условите на Путин за посета на Анкара се главната причина за постојаното одложување.
Имено, според тие извори, Путин сака да дојде во Турција придружуван од руски борбени авиони бидејќи веројатно се плаши дека Украинците би можеле да го соборат неговиот авион.
Дополнителни компликации создава и барањето на Москва Путин да патува во придружба на руски борбени авиони, со можност дури и да слета на турска територија. Системите за воздушна одбрана на НАТО во Турција би можеле да ги перцепираат таквите авиони како потенцијални непријателски цели.