Претседателот на Чешка, Петр Павел, на денешната Конференција Нашата безбедноста, што се одржува во Прага, изјави дека не се плаши од Русија, туку од уморот на Западот од војната и поддршката за Украина.
– Нема причина да се плашиме од руските закани. Како заедница на демократски земји ние по вредностите сме граѓански, но и економски и воени посилни. Не се плашам од тоа. Ако се плашам од нешто, тоа е нашата истрајност. (Владимир) Путин смета на исцрпувачка војна, со која сака да го замори и отруе Западот за да ја остави Украина на судбината, посочи Павел.
Според него ладнокрвна пресметка на Путин е дека секој конфликт неминовно го губи вниманието со текот на времето и луѓето се занимаваат со нивните секојдневни грижи, но предупреди дека напуштањето на Украина ќе значи дека Западот се напушта себеси.
Претседателот Павел, генерал во пензија и поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, призна дека Западот бил наивен кога верувал дека Русија ќе се приближи и ќе стане партнер, ако одржува добри економски односи со Москва.
Тој додаде дека Чешка во јули на Самитот на НАТО ќе побара нова формулација на односите на НАТО со Русија.
Павел предупреди дека освен Русија, Западот мора да ги земе предвид и хегемонистичките амбиции на Кина.
– Јас лично верувам дека во блиска иднина нема да избие конфликт меѓу Западот и Кина, но тоа не значи дека треба да ја повториме грешката да не правиме ништо, односно да веруваме дека ако замижеме, нема ништо лошо да ни се случи, истакна Павел.