Претседателката на синагога во Детроит, на северот на САД, блиска до локалните претставници на Демократската партија, вчера била пронајдена мртва, избодена со нож пред нејзината куќа, објавија медиумите и полицијата, без да го прецизираат мотивот за убиство.
Кога полицијата и медицинските лица пристигнале на местото на настанот во голема населба во Мичиген, откако биле известени, го нашле лицето „онесвестено како лежи на земја“ и можеле само „да прогласат за мртво“, се вели во соопштението на полицијата.
„Детроит фри прес“ пишува дека жртвата е Саманта Вол (40). На телото на жртвата биле видливи повеќе убодни рани, а истрагата ја води крим-одделот на полицијата за убиства, додаваат од полицијата и наведуваат дека „се уште не е познат мотивот за убиството“.
Според „Детроит фри прес“, Вол служела како претседателка на Синагогата Исак Агри во центарот на градот од 2022 година, а претходно работела за конгресменката Елиса Слоткин и водеше кампања за реизбор на државниот обвинител на Мичиген, Дејна Несел. Двете се членови на Демократската партија.
Во објава на X, Дејна Несел во нејзино име рече дека е „тажна и ужасната од насилната смрт на Сем“. „Таа беше најљубезната личност што ја познавав, водена од искрената љубов кон нејзината заедница, држава и земја.
„Сем се потпираше на нејзината вера и активизам за да создаде подобар животен простор за сите луѓе“, рече државниот обвинител без да даде детали за истрагата што штотуку започна. Соединетите Американски Држави, особено Њујорк, се потресени од протести, тензии и серија насилни немири во кои се вклучени еврејски и муслимански групи, под влијание на блискоисточната војна меѓу Хамас и Израел.