Бројот на жртви во пожарот што денес зафати зграда во населба во Њу Делхи се искачи на 21, објавија локалните власти.
Службеникот на противпожарната служба Абхилаш Малик изјави дека пожарникарите спасиле повеќе од 40 лица од зградата, објави „Индија тајмс“.
Пожарот оттогаш е изгаснат, а причината за избувнувањето засега е непозната.
Полицијата објави дека пожарот избувнал во хотелот „Флауриш Стеј“, кој нуди услуги за ноќевање со појадок по разумни цени во јужниот дел на Њу Делхи, но не прецизираше што го предизвикало пожарот, објавува „Фигаро“.
Според него, меѓу жртвите има голем број граѓани на африкански земји кои дошле во Индија на лекување, објавуваат локалните медиуми.
Индискиот премиер Нарендра Моди изрази сочувство до семејствата на жртвите од „трагичниот пожар“, во објава на мрежата Икс.
Сликите од местото на настанот покажуваат пожарникари како се обидуваат да го изгаснат пожарот додека густ чад се издига од зградата. Локалните жители, исто така, се придружија на спасувачките напори, помагајќи во евакуацијата на луѓето заробени внатре и превезувајќи дел од повредените на безбедно место.
Пожарите се честа појава во Индија, каде што градежните прописи и безбедносните стандарди се прекршуваат за време на изградбата на згради, јавува Танјуг.