Трите лица, кои беа повредени при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, сè уште се во тешка состојба, изјави на 3 ноември српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Во гостувањето на РТС, Дачиќ рече дека последиците од несреќата биле такви бидејќи бетонската настрешница била исклучително тешка.
Во несреќата што се случи на 1 ноември загинаа 14 лица, а причината за падот на настрешницата сè уште не е позната.
Министерот за внатрешни работи на Србија посочи дека во текот на денот ќе бидат сослушани уште пет лица, а на 2 ноември во просториите на полициската управа во Нови Сад биле сослушани 26 лица за да се утврдат причините и одговорноста за тоа што се случило.
Српската железница на денот на несреќата, 1 ноември, соопшти дека настрешницата што паднала „не била предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на зградата“ што било во рамки на градежниот проект за брзата пруга Нови Сад – Суботица.
Како што наведоа во соопштението, во рамки на реконструкцијата се работело на внатрешноста на станицата, покривот и фасадата над и под настрешницата.