Најмалку 15 лица загинаа во силен земјотрес со магнитуда од 7,8 степени во јужните Филипини, а спасувачките операции се во тек откако се урнаа неколку згради.
Епицентарот на земјотресот беше југозападно од Масим во покраината Сарангани на јужниот остров Минданао, објави Институтот за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs). Земјотресот беше силно почувствуван и во градот Генерал Сантос, дом на околу 70.000 жители.
Најмалку 15 лица загинаа, а повеќе од 120 се повредени во јужните Филипини, според бројките на цивилната заштита. Предупредувањата за цунами беа издадени во делови од земјата, но беа повлечени по неколку часа.
„Штетата и бројот на жртви сè уште се проценуваат“, изјави шефот на региоанлната канцеларија за цивилна одбрана, Родриго Сосмења.
„Спасувачките операции се во тек. Има извештаи за луѓе заробени во зграда, во училиште, но сè уште не го знаеме точниот број“, додаде тој.
Земјотресот беше почувствуван и во делови од Индонезија, особено на островот Сулавеси, а Јапонија предупреди делови од својот брег на Пацификот за можни бранови.
Филипинската агенција „Фиволкс“ објави дека регистрирала бранови кои достигнале до 1,4 метри во шест крајбрежни области и продолжува да ја следи ситуацијата и покрај откажувањето на предупредувањето за цунами.
Земјотресот се случи на првиот ден од учебната година, за време на церемониите за кревање знамиња во училиштата и владините канцеларии.
фото/ЕПА