Повеќе од 400 луѓе се спасени од урнатините во Тибет погоден од земјотресот, соопштија денеска кинеските власти.
Тие додадоа дека потрагата по исчезнатите, чиј број се уште не е утврден, продолжува на многу студено време, пренесува Ројтерс.
Најмалку 126 лица загинаа, а 188 се повредени во силниот земјотрес што вчера го погоди подножјето на Хималаите во близина на едно од најсветите места на Тибет, соопштија кинеските власти.
Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, еден од најсилните земјотреси во регионот во последните години, се наоѓа во Тингри, на околу 80 километри северно од Монт Еверест, највисокиот врв на светот.
Се почувствувал и во соседните земји Непал, Бутан и Индија.
Непалската национална управа за намалување и управување со ризици од катастрофи (NDRRMA) вчера објави дека потреси се почувствувани во седум ридски области кои граничат со Тибет.
Беше започната потрага во област со големина на Камбоџа.
Во текот на ноќта температурата се спуштила до минус 18 степени Целзиусови, па луѓето заробени во урнатините или оние без засолниште биле изложени на ризик од брза хипотермија. Експертите наведуваат дека во такви услови луѓето можат да преживеат само пет до 10 часа дури и ако не се повредени.