Малезиската полиција спаси 402 деца и тинејџери осомничени дека биле физички и сексуално малтретирани во 20 домови за деца во таа земја.
Жртвите, на возраст меѓу една и 17 години, се вели дека биле изложени на различни форми на злоупотреба, а некои наводно биле принудувани да вршат сексуални дејствија врз други деца, изјави на прес-конференција главниот полициски инспектор Разарудин Хусаин.
Полицијата уапси 171 осомничен, меѓу кои и верски учители и старатели.
Детските домови, наводно, се поврзани со истакнат исламски конгломерат кој издаде соопштение во кое негира какви било злосторства врз деца, пренесуваат медиумите во светот.
На прес-конференција инспекторот рече дека дел од осомничените се на возраст од 17 до 64 години. Се сомневаат дека непримерно ги допирале децата тврдејќи дека тоа било дел од верска церемонија. Некои деца, исто така, наводно биле научени да вршат слични сексуални дејствија врз други деца во домот.
„Децата наводно биле казнети со загреани метални предмети, а на болните не им било дозволено да бараат лекарска помош додека нивната состојба не стане критична“, додаде тој.
Тој додаде дека децата привремено ќе бидат сместени во полицискиот центар во главниот град Куала Лумпур и ќе бидат подложени на медицински прегледи.
Првите истражувања покажаа дека многу деца во овие домови биле сместени од нивните родители за да можат да посетуваат веронаука.