Повеќе од 200.000 авганистански бегалци досега се протерани од Пакистан поради репресијата на оваа земја против илегалните имигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи на Пакистан.
„Досега се вратени повеќе од 200.000 авганистански бегалци“, изјави за ДПА министерот за внатрешни работи, сенаторот Сарфраз Бугти.
Бугти рече дека процесот на репатријација се одвива без проблеми на сите премини во Хајбер Пахтунхва и Балучистан, две провинции кои граничат со Авганистан.
Во последните неколку недели, повеќе од 160.000 бегалци ја минаа границата од северозападната провинција Хајбер Пахтунхва, а повеќе од 50.000 ја напуштија земјата од југозападната провинција Балучистан.
Според владините податоци, во Пакистан живеат приближно 4,4 милиони авганистански бегалци, од кои 1,7 милиони се без валидни документи.
Минатиот месец, Пакистан објави масовни депортации на недокументирани или илегални авганистански бегалци кои живеат во земјата, што предизвика критики од западните влади и глобалните групи за човекови права.
Кампањата за протерување илегални имигранти се вжешти на 1 ноември кога истече рокот за доброволно враќање, и покрај меѓународните критики.
Пакистан нареди протерување по неколкумесечни тензии со авганистанските талибански власти поради прекуграничните напади за кои Исламабад ги обвини исламистичките милитанти кои дејствуваат од авганистанска страна.
Набљудувачите го гледаат протерувањето како начин да се изврши притисок врз Талибанците да преземат акција против милитантите во близина на границата.