Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков предупреди дека употребата на западни ненуклеарни ракети од страна на украинските вооружени сили против Руската Федерација според новата нуклеарна доктрина може да доведе до нуклеарен одговор.
Говорејќи на редовниот дневен брифинг со новинарите, Песков изјави дека новата нуклеарна доктрина треба да стане предмет на длабока анализа дома и во странство. Тој нагласи дека Руската Федерација смета дека употребата на нуклеарно оружје е екстремна мерка, но дека доктрината треба да се ажурира за да се усогласи документот со актуелната политичка ситуација.
Песков истакна дека „специјалната операција“ во Украина се спроведува во контекст на војната што Западот ја започна против Руската Федерација и дека руската војска внимателно ги следи извештаите за плановите за употреба на американски ракети со долг дострел во регионот Курск во Русија.