– Поранешниот шеф на израелската Служба за безбедност (Шин Бет) Надав Аргаман денеска ги поддржа армиските резервисти кои одбиваат да се пријават на должност во знак на протест против планот на израелската Влада за реформи во судството.
Аргаман изјави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху ја штити владејачка коалиција, а не државата.
– Многу сум загрижен што сме на работ на граѓанска војна, истакна Аргаман, додавајќи оти донесувањето на законот треба да се спречи со сите средства.
Собраниската комисија доцна синоќа го одобри предлог-законот со кој ќе се ограничи овластувањето на судот да ги укинува владините одлуки доколку ги смета за неразумни.
Предлог-законот конечно ќе биде изгласан во Кнесет следната недела.
Тоа е еден од клучните делови на планот за судски реформи на Владата на Нетанјаху, кој се обидува да го ограничи она што тој и неговите сојузници го гледаат како прекумерни овластувања на неизбраните судии.
Противниците на планот предупредуваат дека моќта ќе биде концентрирана во рацете на Нетанјаху и неговите сојузници и ќе го поткопа системот на проверка и рамнотежа.
Аргаман беше назначен за шеф на службата за безбедност од Нетанјаху во 2016 година, а се пензионираше во 2021 година.