Една од првите израелски населби што беше нападната кога милитантите на Хамас упаднаа во Израел рано утрото во саботата беше кибуц Нир Ам, каде што жителите пружија жесток отпор и ги избркаа напаѓачите.
„Го зедов пиштолот, облеката, панцирот и цигарите“, вели Адам за Би-Би-Си, мирно раскажувајќи како звукот од пукотницата го нашол во кревет во 6:30 часот наутро во саботата: „Почнавме да ги убиваме сите што дојдоа до оградата.
Тој беше прогласен за херој на Нир Ам, спасител на неговиот кибуц, заедница од околу 400 луѓе кои живеат на само два километри од Газа. „Го земав воки-токито и ја повторував оваа реченица постојано: „Никој нема да влезе во Нир Ам, никој нема да влезе во Нир Ам““.
Адам има 46 години, поранешен офицер на специјалните сили.
Нему, како што раскажува Адам, му се придружиле и други луѓе од кибуцот: „Цивили кои не знаат да се борат, но имаат големо срце. Двајца или тројца имаат искуство од специјалните сили, но останатите се обични луѓе, кои работат во ИТ. Обични луѓе, но многу посебни“.
Тие се бореа заедно помеѓу три и пет часа. Потоа настана затишје: „Мислевме дека се е во ред, но потоа дојде вториот бран, меѓу осум до 10 терористи со митралези и ракетни фрлачи. Тие беа блиску, 10 до 15 метри. Истрчав кон нив, застанав, пукав и убивав“.
Жителите на Нир Ам би биле масакрирани, вели тој, исто како што биле масакрирани жителите на некои други кибуци, заедници организирани како колективи или фарми.
„Ќе влегуваат во куќи и ќе убиваат жени и деца. Ова не тераше да се бориме и да убиваме. Не дозволивме никој да влезе во кибуцот. Никој не беше повреден“.
Сега жителите на Нир Ам живеат во хотел во Тел Авив. Не знаат кога ќе можат да се вратат. Адам мисли дека некои ќе се плашат премногу. Тој е благодарен за гостопримството: „Ова ни е како втор дом, бевме срдечно примени. И целиот Израел ни испрати облека и храна“.
Но и овде евакуираните не се целосно безбедни. Разговорот со Адам е прекинат со сирени кои предупредуваат за нов ракетен напад. Адам смирено ги води луѓето во засолништето, каде што семејствата се згрчени, а некои деца плачат.
„Тоа не ни е ништо, ние живееме на југ. Тоа е нормална работа за нас“, вели Адам, кој ја критикува израелската влада, особено неуспехот на безбедносните служби да го предвидат и да се подготват за нападот.
„Тоа е нашето лидерство. Сега се тестираат. Нашето лидерство не нè заслужува нас“, вели Адам.
Околу 1.300 луѓе загинаа во нападот на Хамас врз Израел, а најмалку 150 луѓе беа заробени. Израел возврати со воздушни напади врз Газа, во кои загинаа и 1.300 луѓе. Израел ја затвори границата спречувајќи влез на гориво и храна.
А што е со иднината? Адам мисли дека повеќето луѓе во Газа сакаат нормален живот, но повикува на силна воена акција за Израел да се справи со Хамас: „Не можеме да го имаме истото решение, ни треба нешто многу, многу посилно“.
Тој вели дека не сака да види како израелските војници влегуваат во Газа: „Хамас сака да го направиме тоа бидејќи внатре има стапици. Тоа би било погрешно“. Убиен е само еден жител на Нир Ам, млад човек кој бил на музички фестивал кој бил нападнат од Хамас. Адам и неговите цивилни сили го спасија кибуцот, пренесува медиумот.