Шведска денеска го подигна нивото на опасност од тероризам највисоко ниво, со образложение дека спречила напади по палењето на Куранот и други дела, што разбесни некои муслимани и предизвика закани од џихадистите.
Во последните месеци, антиисламските активисти оштетија неколку копии на Куранот во Шведска и Данска, двете најлиберални земји во светот кои дозволуваат критика на религијата во име на слободата на говорот. Но, ова ги разбесни муслиманите ширум светот. Медиум поврзан со терористичката мрежа Ал Каеда повика на насилна одмазда.
Шведската безбедносна служба САПО го подигна нивото на закана од тероризам од 3 на 4 на скала од 1 до 5, што е знак за голема опасност.
„Одлуката да се подигне нивото на закана не беше предизвикана од некој конкретен настан, но знаеме дека Хезболах, Ал Шахаб и Ал Каеда ги повикуваат своите поддржувачи да извршат напади против Шведска“, рече директорката на САПО, Шарлот фон Есен.
Премиерот Улф Кристерсон на прес-конференција рече дека луѓе биле уапсени во Шведска и во странство откако биле откриени и спречени планираните напади.
„Разбирам дека многу Швеѓани се загрижени, но мораме да живееме како порано, мора да се бориме за нашите животи и нашиот начин на живот“, додаде тој, не откривајќи детали за спречените напади.
Вооружените сили на Шведска, исто така, го подигнаа нивото на закана за нивните операции, а ОК и САД ги предупредија своите државјани да не патуваат во Шведска.
Во 2017 година, имигрант од Узбекистан, кој се заколна на верност на Исламската држава, со камион косеше пешаци на улица во Стокхолм, убивајќи пет лица. Тоа беше најлошиот напад во земјата во последно време.
Палењето на Куранот предизвика голема осуда во многу делови од муслиманскиот свет. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, побара одговорните да бидат строго казнети и истакна дека Шведска „ја води борбата против муслиманскиот свет“.