Финската Елиса денеска објави дека ја завршила поправката на двата подводни телекомуникациски кабли кои беа оштетени на 25 декември во Балтичкото Море.
На 26 декември, Финска го заплени танкерот Eagle S што превезуваше руска нафта поради сомневање дека го оштетил подводниот кабел за напојување „Естлинк 2“ меѓу Естонија и Финска и четирите телекомуникациски кабли на Божиќ со влечење сидро на морското дно.
„Двата кабли на Елиса сега се поправени“, изјави портпаролот на финската телекомуникациска групација, додавајќи дека и двете линии биле прекинати.
Eagle S беше донесен во заливот во близина на финското пристаниште Порво, каде што полицијата моментално собира докази и го испрашува екипажот.
Поправките на кабелот за напојување „Естлинк 2“, кој беше оштетен заедно со телекомуникациските кабли, се очекува да траат околу седум месеци, соопштија операторите „Фингрид“ од Финска и „Елеринг“ од Естонија.