Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Европа ќе мора да ги зголеми своите одбранбени капацитети за да избегне конфликти и да биде побезбедна и повторно повика на развој на заеднички европски систем за противвоздушна одбрана.
Минатата година Полска одвои речиси четири отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната со цел да ги зајакне сопствените воени капацитети.
На Европскиот економски конгрес на југот на Полска, Туск ги повика земјите од ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана за најмалку 100 милијарди евра.
„Европа мора да биде подготвена во следните десет месеци и следните пет години за ситуација во која ниту една сила нема да се осмели да крене рака против неа“, рече Туск.
„Голема сума пари (за европска безбедност) ќе ја оддалечи војната од европските граници долго време, можеби и трајно“, смета Туск, повторувајќи ја потребата од заеднички систем за противвоздушна одбрана.
„Мора да бидеме способни да го одбраниме нашето небо“, порача Туск.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така присутна на конгресот, се согласи дека Европа мора да троши повеќе за одбраната и вети дека доколку остане на чело на Комисијата, ќе предложи нови проекти во областа на одбраната. .
Таа претходно предложи назначување постојан европски комесар за одбрана.