Повикот на германскиот канцелар Олаф Шолц до Варшава да ги разјасни наводите за мигрантските визи е обид за мешање во полската изборна кампања, изјави министерот за надворешни работи Збигњев Рау.
Миграцијата се наметна како главна тема на кампањата пред парламентарните избори што ќе се одржат во Полска на 15 октомври.
Овој месец, владата беше обвинета од опозициските партии дека е соучесник во систем во кој на мигрантите им се доделуваа полски визи со забрзано темпо, без соодветни проверки по плаќањето на посредниците. Во саботата, германскиот канцелар Шолц рече дека прашањето бара разјаснување и предложи Германија да преземе чекори поврзани со граничните проверки со Полска.
„Надлежноста на германскиот канцелар очигледно не ги вклучува тековните постапки во Полска. Изјавите во таа смисла укажуваат на обид за мешање во внатрешните работи на Полска и тековната изборна кампања во Полска“, напиша министерот за надворешни работи Рау на Платформата Х доцна во неделата.
Рау апелираше до германскиот канцелар да го почитува суверенитетот на Полска и да се воздржи од изјави кои ги нарушуваат меѓусебните односи.
Претходно, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон побара појаснување за ова прашање и ја повика Полска да одговори на обвинувањата дека дури 350.000 мигранти купиле шенген визи за ЕУ во полските конзулати преку посредници.
Шенген визите им овозможуваат на нивните сопственици да патуваат во границите на Европската унија.