Полската армија демантира дека белоруски воени хеликоптери го нарушиле воздушниот простор на Полска

polska-zname
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Полската армија демантира дека белоруски воени хеликоптери денеска навлегле три километри во воздушниот простор на Полска, истакнувајќи оти тоа било најавен патролен лет.

– Полскиот воздушен простор не е нарушен. Полската армија гарантира дека ниту еден хеликоптер не ја преминал границата. Белорусија предупреди дека нивните патролни летови ќе се одвиваат во близина на границата денеска до 18 часот, соопшти полската армија.


Претходно, очевидци во пограничното место Бјаловјеже објавија фотографии од белоруските хеликоптери и тврдеа дека истите три километри навлегле во полскиот воздушен простор.

Полската армија наведува дека поради добрата видливост може да изгледа дека белоруските хеликоптерите навлегле во воздушниот простор на Полска. Армијата посочува дека воените радари не регистрирале нарушување.

Тензиите на полско-белоруската границата се интензивираа откако руската платеничка група Вагнер по неуспешниот бунт се пресели во Белорусија, а околу 100 од нејзините неколку илјади војници деновиве се најдоа на само 25 километри од границата со Полска.

Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак и премиерот Матеуш Моравјецки, деновиве повторуваат дека руските платеници се преместени во Белорусија за да водат хибридна војна и да ја дестабилизираат земјата.

Додека лидерот на полската опозиција Доналд Туск ги обвини властите на конзервативната партија Право и правда на Јарослав Качински дека се обидуваат да ги исплашат Полјаците со неосновани приказни за руските платеници, подготвувајќи терен за воведување евентуална вонредна состојба и одложување на изборите.

Резултатите од денеска објавената анкета на агенцијата ИБРИС покажуваат дека 50,6 отсто од Полјаците изјавиле дека присуството на припадниците на руската паравоена група Вагнер во Белорусија се опасност за безбедноста на Полска, за 36 проценти од анкетираните тие не се опасност, а 13,3 проценти немаат мислење.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK