Белгија, државата во која се наоѓаат седиштата на ЕУ и НАТО, подолг период има нефункционален политички систем и е светскиот рекордер за најдолго време потребно за формирање влада од над 500 дена и порано или подоцна таа би можела да престане да постои, оценува белгискиот портал „Политико“ во анализа објавена денеска на денот кога Белгија го прославува својот Национален празник.
Авторката на анализата Барбара Моенс наведува дека растечките тензии меѓу северниот регион Фландрија, каде доминантен говорен јазик е холандскиот, и јужниот регион Валонија, каде се говори францускиот јазик, се закануваат да предизвикаат многу поголема криза.
Политичките тензии дополнително растат во пресрет на парламентарните избори закани за јуни 2024 година, на кои според сегашните анкети на јавното мислење, се очекува најмногу гласови да освои екстремно десничарската партија Фламански интерест (ВБ), која се залага за независност на регионот Фландрија.
Актуелниот лидер на ВБ, 37-годишниот Том Ван Грикен нагласува дека нема да отстапи од плановите за независност доколку неговата партија победи на изборите.
– Ние веруваме дека Белгија претставува брак под принуда. Ако некој сака развод, ќе зборуваме за тоа како возрасни… Мора да дојдеме до договорна поделба. Ако не сакаат да разговараат на маса со нас, ние ќе го направиме тоа еднострано, изјави Ван Грикен за „Политико“.
Но, идејата за независност на Фландрија не е единстевната карта на која игра ВБ во обидите за здобивање поддршка од гласачите. Партијата, меѓу останатото, ветува ограничување на приливот на мигранти, забрзување на успорениот економски раст и намалување на инфлацијата.
Токму прашањето со миграцијата, според едно неодамнешно истражување, Фламанците го сметаат за главен проблем на нивната држава, имајќи предвид дека Белгија е една од европските земји со најголем број на баратели на азил.
Справувањето со миграцијата е ветувањето кое придонесе за раст на популарноста и поддршката на многу екстремнодесничарски и популистички партии и движења во Европа.
Професорот на Универзитетот во Гент, Николас Бутека оценува дека токму темата за миграцијата е главна причини за раст на популарност на ВБ.
– ВБ ја користи миграциската тема, која многу фламански гласачи ја сметаат за многу важна. Тоа е главната причина за нивниот успех, изјави Бутека за „Политико“.
Лидерот на националистичка Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер, пак, смета дека во моментов ширум Европа постои тренд на „огромна непријатност“ на граѓните, кои се чувствуваат „економски напуштени од сопствените елити“.
– И колку и да сметате дека е неправедно, екстремната десница профитира од тоа, изјави Де Вевер за „Политико“, чија партија е втора по популарност во Фландрија зад ВБ.
Анкетите покажуваат дека главно прашање што ги засега потенцијалните гласачи на ВБ е проблемот со миграцијата, а потоа следуваат високите даноци и економската состојба, додека темата за „реформи на белгиската држава“ е значително помалку релевантна за нив.
– Белгија е создадена на хаотичен непланиран начин. Дали пропаста на земјата може да дојде случајно, како резултат на тоа што гласачите едноставно сакаат справување со миграцијата?, прашува авторката на анализата.
Сепак, лидерот на ВБ, Ван Грикен вели дека никој не може да не ја забележи заложбата на неговата партија за независност на Фландрија.
– Не е дека луѓето не знаат. Тоа е прва точка од нашата програма. Знам дека некој што е против независноста нема да гласа за мојата партија, изјави Ван Грикен.
Примарна цел на Ван Грикен е неговата партија да освои најмногу пратеници во Регионалниот парламент на Фландрија на јунските избори, што ќе му ја овозможи привилегијата прв да се обиде да формира нова регионална влада. Идеален коалициски партнер би му била Н-ВА на Де Вевер, која води корени од фламанското сецесионистичко движење.
Според планот на Ван Грикен, таквата фламанска влада би усвоила „Декларација за суверенитет на Фландрија“, со што би ги принудила франкофонските партии „да преговараат за крај на Белгија, онаква каква што е сега“.
Сепак, според анализата на „Политико“, дури и ако победи ВБ, оставрувањето на планот на Ван Грикен нема да оди лесно.
– Во рамките на Н-ВА постои жестока поделба околу тоа дали да се формира влада со Фламанскиот интерес. Со таквиот потег би се прекршило децениското правило на белгискиот политички естаблишмент да не се коалицира со екстремната десница, наведува порталот.
Според авторката на анализата, дури и ако Н-ВА реши да коалицира со екстремната десница, малку е веројатно дека франкофонските партии, барем на почетокот, ќе се согласат на преговори за поделба на државата, а евентуалното усвојување на „Декларацијата за суверенитет на Фландрија“ би создало дополнителна политичка нестабилност во Белгија, што би можело да оди во полза на каузата за фламанска независност.
Сегашната седумпартиска коалициска Федерална влада на белгискиот премиер Александар Де Кро беше формирана во октомври 2020 година по околу 500 дена преговори и консултации по изборите во мај 2019 година.
Де Кро оттогаш се обидува да го зачува единството меѓу владејачките партии за клучните прашања, но ако продолжи трендот на пад на популарноста на умерените партии, тоа може дополнително да ги отежне напорите за формирање на идната федерална влада на Белгија.
Според политичкиот аналитичар Иван Де Вадер, многу „поексплозивно“ е она што ќе се случува на федерално ниво, отколку потезите на еветуалната идна сепаратистичка влада на Фландрија.
– За мене, она што ќе се случи на федерално ниво е многу поексплозивно, бидејќи се ризикува целосна блокада на политичките институции… Тоа е многу поризично за опстанокот на Белгија отколку идејата Фландрија да прогласи независност, додава Де Вадер за „Политико“.
Според Ван Грикен, токму политичката криза на федерално ниво е причина за подемот на неговата партија.
Белгија не се распаѓа што постои фламанска национална партија. Фламанската национална партија постои затоа што Белгија не функционира, додава Ван Грикен.