Политичарите во Германија сакаат да ја ограничат миграцијата: 40% од злосторствата во земјата ги вршат странци

63065c82-0d1d-4742-8c32-0695f9b04436.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Германија денеска, откако во јавноста протекоа податоци за стапката на криминал кај странското население, која значително се зголеми во изминатата година, повторно беше отворена дебатата за потребата од ограничување на миграцијата.


„Овој многу негативен развој покажува колку е напната ситуацијата со интеграцијата на странците и затоа итно ни е потребна годишна горна граница на бројот на имигранти“, изјави министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Саксонија, Армин Шустер.

А, портпаролот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот за внатрешно-политички прашања, Александар Тром, бара од коалициската влада на Олаф Шолц „пресврт“ кога е во прашање миграциската политика.

„Кога зборуваме за имиграцијата на бегалците, мора да зборуваме и за имиграцијата на оние кои доаѓаат тука поради сиромаштија, а покрај тоа, многу имигранти доаѓаат во Германија со искуства поврзани со насилство и криминал во нивните земји на потекло“, рече. Тром.

Политичарите на демохристијанската опозиција се повикуваат на податоци од статистиката за криминалот за изминатата година, кои официјално треба да бидат објавени утре, иако некои податоци веќе се појавија во германските медиуми.

Како што вчера објави весникот „Велт ам Зонтаг“, бројот на кривични дела извршени во Германија во 2023 година е зголемен во однос на 2022 година за 5,5 отсто на 5,94 милиони дела. Кривичните дела поврзани со насилство се искачија на рекордни 215.000.

Политичарите од опозицијата особено укажуваат на фактот дека 41 отсто од сите кривични дела ги вршат странци, односно лица без германско државјанство и покрај тоа што оваа група граѓани сочинува 15 отсто од вкупното население.

Бијан Ѓир-Сараи, генерален секретар на Либерално-демократската партија (ФДП), која формира коалициска федерална влада со Социјалдемократите и Зелените, рече дека владата мора да започне дебата заснована на факти.

Тој рече дека оваа дискусија мора да биде „искрена“ бидејќи во спротивно би можеле да профитираат оние „кои не сакаат ништо добро за земјата“, а со тоа алудирајќи на десничарските популисти кои се противат на каква било форма на миграција.

Потпретседателот на ФДП, Волфганг Кубицки изјави дека статистиката за криминал е „крајно алармантна, особено делот што се однесува на уделот на странците“.

„Оваа дебата покажува дека треба да ја вратиме контролата врз имиграцијата“, рече Кубицки.

Зелените посочија дека странците кои доаѓаат во Германија често живеат во сиромаштија над просекот, што ја објаснува и повисоката стапка на криминал.

Темата за криминалот кај странците е една од централните предизборни теми на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) на претстојните избори за Европскиот парламент и парламентите на неколку германски сојузни покраини.

На истокот од Германија, АфД убедливо води во анкетите на јавното мислење со над 30 отсто од гласачите, пренесуваат германските медиуми.

Во анкетите на јавното мислење, германските граѓани долго време ја наведуваат неконтролираната миграција како најголем проблем во земјата.

Во 2023 година во Германија биле поднесени 350.000 барања за политички азил, што е за 50 отсто повеќе од 2022 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK