­

Подољак за Путин: „Од една страна вели секако, но од друга страна, јасно е кој сака војната да продолжи“


podoljak.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вонредната состојба во Украина нема да биде укината во случај на 30-дневно примирје со Русија, ниту за тоа време ќе се одржат избори, изјави денеска советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Михаил Подољак.


„Примирјето од 30 дена не е крај на војната. Ситуацијата ќе биде непредвидлива. Невозможно е да се укинат вонредната состојба и процедурите за заштита на земјата за толку краток временски период. Ќе биде неопходно да се преговара, проверени набљудувачи кои ќе можат да го забележат прекршувањето на примирјето и да обезбедат одвојување на страните. Мораме да ја задржиме способноста за борба“, рече тој.

Подољак истакна и дека изборите во Украина нема да се одржат доколку се прогласи 30-дневен прекин на огнот, бидејќи се уште не е можно да се гарантира безбедноста на избирачките места и изборната кампања.

Тој нагласи дека тоа ќе биде можно доколку започнат преговорите за стабилен прекин на огнот гарантиран од неутрални набљудувачи.

Подољак посочи дека Украина нема да се откаже од одредени барања, како што се безбедносни гаранции, почитување на територијалниот интегритет на Украина и зачувување на нејзината култура, историја и јазик.

Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека всушност не планира да прифати привремено примирје според американскиот предлог, иако рускиот лидер рече дека начелно се согласува со предлогот, но дека „има нијанси“.

„Неговиот одговор е двосмислен. Од една страна, тој вели – се разбира, ова е јасно, ова е неопходно, но од друга страна, тој продолжува да вели дека има нијанси. И тие ја бришат самата идеја за прекин на огнот“, рече Подољак.

Тој тврди дека Путин во суштина сака Украина да престане да се брани и да произведува оружје, како и да се откаже од контролата над линијата на фронтот.

„Стана јасно кој сака да ја продолжи војната. Нашето искуство од 2014 година ни кажува дека Москва ги прекршува сите договори. Самитот во Џеда ја стави во позиција каде што ќе треба да ја разјасни ситуацијата. Ќе видиме“, рече тој.

Зборувајќи за украинско-американските преговори во Џеда, Подољак истакна дека САД директно не соопштувале какви отстапки ќе мора да направи Украина.

„Тие сакаат да имаат транспарентни економски односи со Украина, во кои инвестираа значителни воени и финансиски ресурси. А Украина е многу заинтересирана за обновување на ефективни билатерални односи: САД имаат клучен арсенал, како што се противракетна одбрана, специјална муниција и разузнавање“, рече тој.

Тој посочи дека и покрај конфликтот меѓу претседателите на Украина и на САД, Володимир Зеленски и Доналд Трамп, на средбата во Овалната соба, Киев „му верува“ на американскиот лидер, кој, како што тврди Подољак, е сојузник на Украина.

Подољак истакна дека „војната продолжува“, и дека украинските војници продолжуваат да дејствуваат во руската област Курск.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK