– Можеби еден од најбараните хакери во светот, за кого се зборуваше дека животот му бил како „измислена приказна“, Кевин Митник почина на 60-годишна возраст. Според некрологот, тој се борел со рак на панкреасот повеќе од една година и долго бил на лекување во Универзитетскиот медицински центар во Питсбург, Пенсилванија, САД. Починал во Лас Вегас.
Митник првпат се инфилтрирал во компјутерски систем во 1979., но дури во 1988 година е уапсен и осуден на 12 месеци затвор за копирање софтвер.
Американскиот хакер доби пристап до компјутерите за говорна пошта на „Пасифик бел“ (Pacific Bell), додека беше на условна казна и продолжи да хакира мобилни мрежи, како и корпоративни и владини интернет-страници како бегалец во 1990-тите. Митник бил вклучен и во кражба на илјадници датотеки и броеви на кредитни картички, но некрологот вели дека „никогаш не зел ни паричка“ од ниту една од своите жртви. Тој бил уапсен и во 1995 година по обвинение за незаконско користење телефонски уреди и компјутерска измама. Властите веруваа дека тој имал пристап до многу корпоративни трговски тајни, што во тоа време вределе милиони.
Митник мина пет години в затвор и тоа го нарекуваше негов „одмор“.
А пак, пред сѐ ова, како 12-годишник, Митник смислил систем којшто му овозможувал бесплатно да се вози во јавниот превоз во Лос Анџелес, запомнувајќи го распоредот на автобусите…
По ослободувањето од затвор, тој го промени својот пат во кариерата и одлучи да стане легален хакер т.е. консултант за кибербезбедност. Во 2011 година, стана сосопственик и главен хакерски офицер на агенцијата „Ноубифор“ (KnowBe4), којашто обезбедува обука за безбедност во виртуелно-дигиталниот.
Митник зад себе ја остави сопругата Кимберли, која чека нивно дете.