Олимписките игри во Париз почнуваат во петок на 26 јули, а поради нестабилната ситуација во Франција, но и во Русија, Украина, Израел и Палестина, како и во некои други земји, јасно е дека притисокот врз организаторот ќе биде огромен. Не само што е потребно да се обезбедат совршени спортски услови за речиси 11.000 учесници во 32 различни спортови, туку во исто време, неопходно е да се води грижа за нивната безбедност, како и за безбедноста на сите посетители на Париз за време на најпрестижниот натпревар, пренесуваат медиумите во регионот.
Според пишувањето на шпанска „Марка“, поради ова, Париз всушност е „под клуч“ и дури 45 илјади полицајци ги обезбедуваат Олимписките игри за да не дојде и до најмал безбедносен прекршок. Безбедносните мерки се максимално подигнати во последните неколку дена, а се очекува низ градот да продефилираат повеќе од 15 милиони луѓе од почетокот на оваа недела до крајот на натпреварот – 11 август.
И други земји и помогнаа на Франција, на пример Шпанија испрати 171 полицаец, како и неколку специјални сили.
Полициските сили се дуплирани насекаде. Дополнително, низ градот ќе бидат поставени посебни бариери каде ќе можат да влезат само оние кои имаат билети и акредитации или само оние кои живеат на споменатите локации.
„Париз е затворен. Не можете да направите два чекора без да видите полицаец. Брутално е колку полиција има на улиците, никогаш не сме виделе такво нешто“, велат од шпанската полиција откако им се приклучија на безбедносните служби на Франција.
Инаку, францускиот министер за полиција во заминување Жералд Дармен истакна дека во целиот „олимписки процес“ биле проверени речиси милион луѓе, а 4.340 од нив биле одбиени за акредитација.
„Одбивме помалку од сто апликации поради сомневање дека се агенти на странски држави – шпиони или информатори кои планирале да им наштетат на Олимписките игри. Повеќето од нив се од Русија и Белорусија“, објасни тој, што беше осудено од политичарите од Русија.