Најмалку 24 цивили загинаа, а многу се повредени во синоќешните израелски напади врз домови и области каде што раселените лица се наоѓаат во близина на Европската болница во Кан Јунис, на југот од Појасот Газа, со што бројот на загинати во средата се искачи на 55, јавува агенцијата ВАФА.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги гранатираа и источните делови на Кан Јунис, како и неколку области во центарот на Појасот Газа. ВАФА наведува дека израелските воздухопловни сили фрлиле меѓународно забранети фосфорни бомби на и околу пазарот во Џабалија, додека локалните медиуми објавија дека припадници на ИДФ во нападите во тој град и неговиот бегалски камп, упаднале во домовите на граѓаните, ги избркале и потоа запали неколку куќи.
Палестинската Црвена полумесечина извести дека ИДФ го опколила центарот за итни случаи Ал Галија, во кој биле сместени 127 цивили, вклучително и медицински персонал, и 22 ранети.
Граѓаните на градот Џабалија, наводно, закопале тела на 30 неидентификувани лица во текот на утрото, јавува ВАФА повикувајќи се на извори.
Бројот на загинати во Појасот Газа од почетокот на израелската агресија на 7 октомври се искачи на најмалку 20.000, од кои 8.000 деца и 6.200 жени, додека бројот на ранетите достигна 52.600.