Падна владата во Романија: парламентот изгласа недоверба


depositphotos_203577606_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Романскиот парламент изгласа недоверба на владата на премиерот Илие Боложан, со што заврши мандатот на проевропската коалиција што ја водеше земјата досега. 281 пратеник гласаа за замена на владата, а резултатот беше дочекан со силен аплауз во парламентот.


Веднаш по гласањето, романските медиуми објавија дека Боложан ја напуштил зградата на парламентот, додека политичката сцена се соочува со неизвесност и потенцијален повеќенеделен застој во формирањето на нова влада.

Во своето обраќање до пратениците пред гласањето, Боложан се обиде да го оспори предлогот за гласање недоверба, оценувајќи го како „циничен и вештачки“. Како што објави АП, тој рече дека „изгледа како да е напишан од луѓе кои не биле во владата секој ден и не учествувале во сите одлуки“. Сепак, неговите аргументи не успеаја да го убедат мнозинството во парламентот.

Падот на владата е дополнително комплициран од фактот дека нема јасна алтернатива за формирање ново мнозинство. Иако социјалистите од ПСД и крајно десничарските партии учествуваа во соборувањето на владата на Боложан, овие политички актери, според медиумите, не се подготвени заедно да формираат нова влада.

Како една од можните опции се споменува реконструкција на постојната коалиција со назначување нов премиер, идеја што доаѓа од редовите на бунтовничките социјалисти. Сепак, засега не е јасно дали другите партии би поддржале такво решение.

Во меѓувреме, се очекува Илие Боложан да остане на позицијата вршител на должноста премиер со ограничени овластувања, сè додека претседателот на државата Никушор Дан не започне консултации со политичките актери за понатамошните чекори.

Аналитичарите предупредуваат дека преговорите би можеле да се одолговлекуваат со недели, оставајќи ја Романија во политички вакуум и неизвесност во време кога земјата се соочува со важни внатрешни и надворешно-политички предизвици.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK