Пад на цените на нафтата по надежите за договор меѓу САД и Иран


depositphotos_1984135_s.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Цените на нафтата паднаа, додека азиските акции пораснаа во понеделникот со надеж дека може да се постигне договор меѓу САД и Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец.


Цената на суровата нафта „Брент“ од Северното Море и американската сурова нафта од Западен Тексас „Интермедијар“ паднаа за речиси пет проценти, на 99,41 и 92,49 долари за барел.

САД и Иран се приближуваат до постигнување договор што би ставил крај на војната што беснее на Блискиот Исток од крајот на февруари, предизвикувајќи нагло зголемување на цените на енергијата и поттикнувајќи ја глобалната инфлација, пренесуаваат медиумите.

Сепак, одредени спорни прашања во преговорите ги намалија надежите за брзо решение што би овозможило враќање на транзитот на нафта и гас низ Ормускиот теснец.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата изјави дека им рекол на американските преговарачи „да не брзаат со договор“.

– Преговорите се одвиваат на уреден и конструктивен начин, и им реков на моите претставници да не брзаат, бидејќи времето е на наша страна – се наведува во објава на официјалната мрежа Truth Social на Трамп.

Иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека, според нивните информации, клучните точки на евентуален договор сè уште не се решени.

Една од главните точки на спор е дали Техеран е подготвен да ги предаде своите залихи од високо збогатен ураниум.

Меѓу важните прашања се ослободувањето на замрзнатите ирански средства под долгогодишните санкции на САД, како и дали Либан, кој често беше цел на израелски напади, ќе биде вклучен во евентуалниот мировен договор.

Берзите низ Азија пораснаа во раното тргување со надеж дека Вашингтон и Техеран би можеле да ги надминат овие пречки.

Берзата во Токио скокна за повеќе од три проценти во раното тргување во понеделник, додека Хонг Конг и Сеул беа затворени поради празници.

Шангај забележа мало зголемување, а берзите во Тајпеј, Манила, Бангкок, Џакарта, Сингапур, Сиднеј и Велингтон исто така пораснаа.

Куала Лумпур забележа пад од 0,1 процент.

– Вестите од викендот повторно го насочија фокусот кон можноста за постигнување договор меѓу САД и Иран – изјави Крис Вестон, директор за истражување во Пеперстоун.

– Според Доналд Трамп, меморандумот за разбирање е во голема мера договорен, а деталите би можеле да бидат објавени наскоро, иако нема големо чувство на итност – додаде Вестон.

Оваа недела, инвеститорите внимателно ќе ги следат реакциите на Федералните резерви на САД и нејзиниот нов претседател Кевин Ворш на податоците за Индексот на лични потрошувачки трошоци (PCE), како и на европските индикатори за инфлација.

– Приказната за инфлацијата останува централен фактор во целата пазарна средина – изјави аналитичарот на SPI Asset Management, Стивен Инес.

„Инвеститорите ќе добијат уште еден клучен индикатор во четврток со објавувањето на Индексот на лични потрошувачки трошоци, омилениот показател за инфлација на Федералните резерви на САД.“

– По неколку извештаи за инфлација на потрошувачите и производителите повисоки од очекуваните претходно овој месец, пазарите се сè повеќе загрижени дека високите цени на нафтата и прекините во снабдувањето поврзани со кризата на Блискиот Исток почнуваат да влијаат врз пошироката инфлација – додаде тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK