Сопругата на началникот на военото разузнавање на Украина, Кирил Буданов, Маријана – била отруена, објави украинскиот весник „Бабел“, повикувајќи се на разузнавачки извор.
„Маријана Буданова е отруена со тешки метали. Жената е во болница“, пренесува медиумот.
Буданова е хоспитализирана откако и се влошила здравствената состојба, пишува весникот.
„Овие супстанции, тешки метали, на никаков начин не се користат во секојдневниот живот или во воените работи. Нивното присуство може да укаже на намерен обид за труење на одредена личност“, ја цитира весникот изјавата на својот соговорник.
„Почната е истрага за можниот обид за убиство на сопругата на Буданов“, заклучува весникот.
Кирил Буданов е на чело на Украинската воена разузнавачка служба од август 2020 година и го замени Василиј Бурба на таа позиција, пренесува Спутник.