Претставници на земјите од Блискиот исток и Европа денеска учествуваат на состанок во Женева организиран од Обединетите нации (ОН) за собирање пари за решавање на хуманитарната криза во Судан.
На состанокот учествуваат претставници на Египет, Германија, Катар, Саудиска Арабија, Африканската унија и Европската унија.
ОН велат дека состанокот е потребен бидејќи помалку од 16 отсто од потребните 2,57 милијарди долари се обезбедени за нивната програма за итна помош по војната што избувна на 15 април.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на отворањето на конференцијата рече дека Судан „паѓа во смрт и уништување со невидена брзина“ и дека без силна меѓународна поддршка „тој брзо би можел да стане место на анархија, а тоа би предизвикало несигурност во целиот регион“.
ОН упатија два повика до донаторите: да се собере хуманитарна помош за Судан и помош за земјите каде што има бегалци од Судан.
Судирите во Судан траат повеќе од два месеца додека армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) се борат за контрола врз земјата.